Припреми “Планинарски крстосници“ 2015
April 17, 2015
No comments
Припреми за третиот традиционален планинарски поход “Планинарски крстосници“ 2015
Црн Камен – маркиран
May 16, 2014
No comments
Во пресрет на Вториот традиционален планинарски поход
“Планинарски крстосници 2014“ кој оваа година премина во планинарски спортски
настан, а во склоп на изведување на проектот “Мрежен систем на планинарски
патеки на Скопска Црна Гора, членовите на Планинарскиот спортски клуб “Скопска Црна Гора“ (ПСК СЦГ) ја маркираа
патеката од с. Љубанци преку врвот Црн камен до Спирова колиба.
Во услови кога речиси 2 месеци имаме променливо облачно и
врнежливо време, го одбравме денот кога имавме најпогодни услови за маркирање -
недела 11. 05. 2014 година. Групата ја сочинуваа: Докторот, Даре, Драгец,
Дејан, Пиже, Ѓоко, Биљана, Веле, Филип и
Никола.
И покрај тоа што на маркирањето не беа присутни сите
членови од ПСК СЦГ, заслугата за маркирањето е на сите, бидејќи подготовките за походот беа
распредели со претходен договор.
Вкупното време на активно маркирање и подготвување на
патеката траеше 8 часа со вкупно поминати 10 км и денивелација на терен од околу
900 мнв.
Почетниот дел од патеката е лесен за движење и започнува
од старата Амбуланта во с. Љубанци (последна станица на ЈСП бр. 47) на
надморска висина од 660м. После 300-400 метри движење по асвалтен пат, од левата страна се издвојува почетниот
шумски дел од патеката. Истата се движи во нагорна линија покрај реката, во
краток сегмент (во насока кон североисток), за потоа да скршне во насока кон
запад и да го пресече земјениот пат кој води до викендици во месноста Костените
и бачилата над с. Љубанци. Патеката во наредните 2,5 км се движи по земјен пат (во насока кон север-северозапад)
и истата е обележана со соодветни маркации. На овој потег (месност која
локалните мештани ја викаат “Костените“) се наоѓа извориште кое е активно во
текот на целата година и истото е одлично за кратка пауза бидејќи се наоѓа во дебели костенови
сенки. До овој момент времето на движење од почетокот на патеката е околу 1-1,5
час. Патеката продолжува по патот која после 700-800 метри се издвојува во лево
и навлегува во шумски појас од дабова шума. Ова место е исклучително битно да
се запази бидејќи скршнувањето во десно, т.е. продолжувањето да се движите по земјениот
пат, ќе ве насочи во насока кон исток и ќе ве
оддалечи од врвот Црн камен. На оваа
позиција алтернативно е направен маркиран столб од природен материјал поставен
од десната страна при навлегување во патеката.
Понатамошниот дел од патеката продолжува во извонредно живописен амбиент
на густа букова шума и се приближува
покрај реката до мостот, именувано како Љубен мост. Мостот е изграден од
членовите на клубот со еколошки (отпаден) материјал од дабови стебла во должина
од 7 метра и носивост од 500 кг. Датумот
на градењето на мостот (04. 05. 2014 г.) се совпадна со роденденот на Љубен
Тодоровски, член на клубот од самиот почеток, кој воедно беше главен
организатор и мајстор во изведбата на Спирова колиба. Именувањето на мостот е
благодарност до него од членовите на клубот за сите негови досегашни активности.
Патеката ќе биде комплетно завршена со табли, знаци и маркирани столбови во наредниот период, кога комплетно ќе се реализира проектот за мрежните патеки на Скопска Црна Гора. Истата го носи името “Костените“.
Она што како заклучок би го издвоиле е чувството на задоволство да се маркира врвот Црн камен. Имајќи ја предвид неговата импозантност и поставеност на Скопска Црна Гора и неговата посетеност од Скопските планинари, чувството да се маркира истиот беше извонредно и го комплетираше позитивниот впечаток во подготовката на целата патека за походот, вклучувајќи го и градењето на Љубен мост.
Во наредната година врвот Црн камен ќе биде достапен преку повеќе од 5 патеки, сите маркирани и обележани спрема интернационалните правила за маркирање на планинарски патеки.
Напишал
14.
05. 2014
Александар Манолев Скопје
Поход на Китка
April 29, 2014
No comments
Извештај од учество на ПСК СЦГ на планинарскиот поход на Китка
На ден 13.04.2014год. во организација на ПД Трансверзалец се одржа 11ти меморијален марш „чичко Јосиф Илковски 2014 год.“
ПСК СЦГ се придружи на походот. Учествуваа Веле, Ѓоко, Елена, Љубен, Зоки, Здравко, Сандра. Дел тргнаа со организиран превоз од Пошта 2, нова железничка во 8.00ч., а дел отидоа со сопствени возила. Автобусите пристигнаа во с.Горно Количани околу 9 часот и оттука се упативме кон планинарскиот дом Китка. Времето беше солидно, поголем дел облачно, но имаше и неколку сончеви периоди што го направија движењето сосема пријатно.
Стигнавме во домот Китка, убаво се раскомотивме, се наместивме до едно весело друштво кое пееше народни песни, одмаравме и ручавме. Бидејќи бешепредвидено од организаторот автобусот да поаѓа за назад околу 16.00 часот, негде во 14.00 се спакувавме и почнавме полека да се враќаме кон с.Горно Количани. Со неколку попатни паузи, се спуштивме во селото и тргнавме назад кон Скопје.
Благодарност за учесниците за пријатното друштво и позитивната атмосфера. Пријатна работна недела, до наредниот поход.
Поздрав
ПСК Скопска Црна Гора
Марш Пелинце - Кокино
April 15, 2014
No comments
ПСК СЦГ се на 30. март 2014. година приклучи на Првиот традиционален поход во организација на СПК Козјак Куманово- с. Пелинце-Врв Китка-Локалитет Кокино.
Походот се одржа во сончеви временски услови и одлично расположение. Од клубот присуствуваа 9 члена кои пристигнаа во Куманово со 2 возила. Од таму со организиран превоз сите учесници беа транспортирани до с. Пелинце од каде беше означен почеток на походот. Вкупната бројка на учесници према организаторот беше околу 400 планинари, со меѓународно учество на планинари од збратимените клубови со организаторот - Бугарија и Србија. Организацијата беше на високо ниво со заеднички ручек на крајот на походот.Патеката е одлично поставена со исклучок на некои делови пред врвот Китка каде маркациите се губат и потребни се корекции по површина на газење од патеката со одстранување на прнарот и капината кои го отежнуваат движењето и ја кинат облеката. Времетраењето на походот беше околу 8 часа, со поголеми паузи (најголемата беше на врвот Китка од 1 ч и 30 мин.) поради големата бројка на учесници. Време на активно движење околу 5 часа. Еден дел од групата го заврши походот во с. Малотино (15 км од стартна позиција) и беше префрлена со автобуси до Кокино. Останатите го завршија походот до Кокино (18 км од стартна позиција) каде за сите учесници беше обезбед ручек-гравче од Организаторот.
Во иднина им посакуваме успешни и посетени походи.
ПСК СЦГ