На Скопска Црна Гора и за Скопска Црна Гора има многу приказни. Времето на таа планина има запишано речиси се. Низ вековите поминале цивилизации и генерации. Како северен бедем на градот Скопје со одлична безбедносна локација и преполна со изворишта, со векови е населувана и транзитирана. Тоа е една од причините зошто населението низ вековите давало имиња на локации кои во тоа време, за нив, биле од голема важност. Одредени места и локации имаат по два, 3 или повеќе топоними, сите тие дадени во време кога одредени генерации доминирале со просторот низ времето. Секое време запишало по некое име.
Нашето време, 21 век, ПСК Скопска Црна Гора, ја пишува приказната за планинарот Спиро Митков или за сите нас - чичко Спиро. Речиси 3 децении непрекинато ја шета, чува и негува планината. Можеби за многумина тоа е нормално, но во светот на планинарите тешко дека ќе сретнете планинар кој животот ќе го посвети на една планина. Впрочем, сите ние како планинари се стремиме да видиме и освоиме што повеќе врвови и да видиме што повеќе планински убавини. И Чичко Спиро видел речиси се на Балканот, во Македонија и на крајот се закотвил на Скопска Црна Гора.
Ако некогаш се впуштите во авантура со Спиро на Скопска Црна Гора нема човек кој не го познава- од Блаце преку Бањански Пресла, Цареви ливади, Рамно, Калеш Мара до Виниче па назад преку преку сите села од подножјето на Скопска Црна Гора до местото именувано како “Колибата на Чичко Спиро“. Овчари, ливадари, дрвари, мештани, селани, сите го знаат Чичко Спиро и неговата колиба.
Колибата се наоѓа во централниот регион од Скопска Црна Гора, месност која локалните мештани ја знаат како Бродечки вирови, во поново време Сотирова чешма. Во последните 2 децении на локацијата и се дава уште едно име - Колибата на Чичко Спиро. Позиционирана на 1448 мнв, со моќно извориште и фантастичен поглед на речиси целата Скопска котлина, колибата дава извонредно чувтсво на доминација со просторот и одличен поглед на сите доминантни планини во близината на Скопје: Шарпланинскиот масив со врвовите Љуботен, Пирин бек, Кобилица, Солунска Глава, Китка, Водно, Матка, Жеден и т.н.
Токму поради сите овие набројани планинарски убавини Чичко Спиро пред повеќе од 20 години направил колиба, од дрва, шајки, најлон и останат материјал кој лично сам го носел и во целост сам ја изградил колибата. Отворена за сите кои ќе имаат потреба од одмор и прибежиште во услови на невреме.
Идејата за комплетно реконструирање и градење на колибата е дадена од членовите на ПСК Скопска Црна Гора (Александар Манолев, Љубен Тодоровски, Драгутин Малиш, Дарко Трајковски, Бојан Стефановиќ и Зоран Боровчански). Она што даде посебен белег во доприносот на градењето на колибата, во секоја смисла, е поддршката од Скопските планинари од клубовите Китка, Бистра, Кораб и т.н. Во тој контекст, голема благодарност до Виктор (Кораб) и Сара (Бистра) кој со искрена желба и почит кон Чичко Спиро дадоа допринос во градењето на колибата.
Со таквата реализација се оствари основниот мотив за нејзиното настанување: место за одмор на сите планинари и добронамерници кои ќе ја посетат Скопска Црна Гора. Како и претходно, колибата е отворена за секого во било кое време, со минимум потребен прибор за јадење и пиење. Обезбедена со ќумбе, маса и клупи претставува одлично засолниште во зимски услови со можност за затоплување со чаша топол чај.
Како колибата изгледаше, како ја реконструиравме, како се одвиваше градењето на новата колиба, кој се учествуваше ќе пробаме да ви го доловиме низ слики. Доприносот на клубот е благодарност кон Чичко Спиро за неговиот севкупен ангажман и несебичност према планинарите.
Во името на ПСК Скопска Црна Гора, голема благодарност до сите оние кои ја поддржаа оваа иницијатива и акција.
0 comments:
Post a Comment