About

Црн Камен – маркиран

Во пресрет на Вториот традиционален планинарски поход “Планинарски крстосници 2014“ кој оваа година премина во планинарски спортски настан, а во склоп на изведување на проектот “Мрежен систем на планинарски патеки на Скопска Црна Гора, членовите на Планинарскиот спортски клуб  “Скопска Црна Гора“ (ПСК СЦГ) ја маркираа патеката од с. Љубанци преку врвот Црн камен до Спирова колиба. 

Во услови кога речиси 2 месеци имаме променливо облачно и врнежливо време, го одбравме денот кога имавме најпогодни услови за маркирање - недела 11. 05. 2014 година. Групата ја сочинуваа: Докторот, Даре, Драгец, Дејан, Пиже, Ѓоко, Биљана, Веле, Филип и  Никола.
И покрај тоа што на маркирањето не беа присутни сите членови од ПСК СЦГ, заслугата за маркирањето е на сите,  бидејќи подготовките за походот беа распредели со претходен договор.
Вкупното време на активно маркирање и подготвување на патеката траеше 8 часа со вкупно поминати 10 км и денивелација на терен од околу 900 мнв.

Почетниот дел од патеката е лесен за движење и започнува од старата Амбуланта во с. Љубанци (последна станица на ЈСП бр. 47) на надморска висина од 660м. После 300-400 метри   движење по асвалтен пат,  од левата страна се издвојува почетниот шумски дел од патеката. Истата се движи во нагорна линија покрај реката, во краток сегмент (во насока кон североисток), за потоа да скршне во насока кон запад и да го пресече земјениот пат кој води до викендици во месноста Костените и бачилата над с. Љубанци. Патеката во наредните 2,5 км се движи по земјен пат (во насока кон север-северозапад) и истата е обележана со соодветни маркации. На овој потег (месност која локалните мештани ја викаат “Костените“) се наоѓа извориште кое е активно во текот на целата година и истото е одлично за кратка  пауза бидејќи се наоѓа во дебели костенови сенки. До овој момент времето на движење од почетокот на патеката е околу 1-1,5 час. Патеката продолжува по патот која после 700-800 метри се издвојува во лево и навлегува во шумски појас од дабова шума. Ова место е исклучително битно да се запази бидејќи скршнувањето во десно, т.е. продолжувањето да се движите по земјениот  пат,  ќе ве насочи во насока кон исток и ќе ве оддалечи од врвот Црн камен.  На оваа позиција алтернативно е направен маркиран столб од природен материјал поставен од десната страна при навлегување во патеката.
Понатамошниот дел од патеката продолжува во извонредно живописен амбиент на густа букова  шума и се приближува покрај реката до мостот, именувано како Љубен мост. Мостот е изграден од членовите на клубот со еколошки (отпаден) материјал од дабови стебла во должина од 7 метра и носивост од 500 кг.  Датумот на градењето на мостот (04. 05. 2014 г.) се совпадна со роденденот на Љубен Тодоровски, член на клубот од самиот почеток, кој воедно беше главен организатор и мајстор во изведбата на Спирова колиба. Именувањето на мостот е благодарност до него од членовите на клубот за сите негови досегашни активности. 

Од мостот патеката продолжува во насока кон запад, во стрмна нагорна линија и во краток сегмент од 700 должински метри искачува 130 м.н.в. и доаѓа до месноста Говедарник на 1100 м.н.в. Од Љубен мост па се до врвот Црн камен патеката има спортски карактер и бара одредена претходна физичка подготовка или движење со темпо кое ќе овозможи неколку паузи за учесници со слаба физичка подготовка. Од Говедарник патеката се движи во краток сегмент низ редок шумски појас во насока кон северозапад и пристапува кон земјен пат, кој директно води до врвот Црн Камен во насока кон север.  Од страните патеката почнува да е опкружена со карпест релјеф и го навестува приоѓањето кон врвот Црн камен. На овој потег од патеката нема шумска вегетација па во летните периоди доведува до зголемено губење течности и бара нивно надоместување. Од маркацистичка гледна точка ваквите предели се незгодни за маркирање поради недостатокот на шумска вегетација која е одлична за маркирање, и истата ќе треба да се замени со столбови и патокази како трајни летно-зимски маркации. Карпестата подлога претставува додатно оптеретување за поставување на столбови и патокази. Маркациите на овој потег се поставени на карпи и  камени површини кои во нареднот период ќе бидат заменети со маркирани столбови. Движејќи се према Црн камен се доаѓа до Кекеново бачило лоцирано на 1250 мнв и должински 6,5 км од почетна позиција на патеката. Од оваа позиција патеката има насока кон север, го вкрстува земјениот пат кој доаѓа од исток и скршнува во насока кон запад движејќи се низ карпест предел кој воедно  претставува почетокот на карпестиот  масив на кој е позициониран врвот Црн камен. Всушност, самиот врв претставува масивна карпа која во нејзината јужна експозиција е одлична за кратки алпинистички насоки. Врвот е со висина од 1555 мнв и се наоѓа на 9.5 км од почетната позиција на патеката. На врвот може да се пристапи од северната и од  јужната страна. Маркирањето е извршено по патеката која води преку јужниот пристап. Од Црн камен патеката се спушта во насока кон југозапад по земјениот пат при што маркациите се направени на камења и истите ќе бидат заменети со столбови. Крајот на патеката завршува кај  Спирова колиба на 1448 м.н.в. Вкупната должина на патеката е 10км.



Патеката ќе биде комплетно завршена со табли, знаци и маркирани столбови во наредниот период, кога комплетно ќе се реализира проектот за мрежните патеки на Скопска Црна Гора. Истата го носи името  “Костените“.
Она што како заклучок би го издвоиле  е чувството на задоволство да се маркира врвот Црн камен. Имајќи ја предвид неговата импозантност и поставеност на Скопска Црна Гора и  неговата посетеност од Скопските планинари, чувството да се маркира истиот беше извонредно и го комплетираше позитивниот впечаток во подготовката на целата патека за походот, вклучувајќи го и градењето на Љубен мост.
Во наредната година врвот Црн камен ќе биде достапен преку повеќе од 5 патеки, сите маркирани и обележани спрема интернационалните правила за маркирање на планинарски патеки.

Напишал                                                                                          14. 05. 2014
Александар Манолев                                                                        Скопје

 

Pratete ne na Facebook!