About

Црн Камен – маркиран

Во пресрет на Вториот традиционален планинарски поход “Планинарски крстосници 2014“ кој оваа година премина во планинарски спортски настан, а во склоп на изведување на проектот “Мрежен систем на планинарски патеки на Скопска Црна Гора, членовите на Планинарскиот спортски клуб  “Скопска Црна Гора“ (ПСК СЦГ) ја маркираа патеката од с. Љубанци преку врвот Црн камен до Спирова колиба. 

Во услови кога речиси 2 месеци имаме променливо облачно и врнежливо време, го одбравме денот кога имавме најпогодни услови за маркирање - недела 11. 05. 2014 година. Групата ја сочинуваа: Докторот, Даре, Драгец, Дејан, Пиже, Ѓоко, Биљана, Веле, Филип и  Никола.
И покрај тоа што на маркирањето не беа присутни сите членови од ПСК СЦГ, заслугата за маркирањето е на сите,  бидејќи подготовките за походот беа распредели со претходен договор.
Вкупното време на активно маркирање и подготвување на патеката траеше 8 часа со вкупно поминати 10 км и денивелација на терен од околу 900 мнв.

Почетниот дел од патеката е лесен за движење и започнува од старата Амбуланта во с. Љубанци (последна станица на ЈСП бр. 47) на надморска висина од 660м. После 300-400 метри   движење по асвалтен пат,  од левата страна се издвојува почетниот шумски дел од патеката. Истата се движи во нагорна линија покрај реката, во краток сегмент (во насока кон североисток), за потоа да скршне во насока кон запад и да го пресече земјениот пат кој води до викендици во месноста Костените и бачилата над с. Љубанци. Патеката во наредните 2,5 км се движи по земјен пат (во насока кон север-северозапад) и истата е обележана со соодветни маркации. На овој потег (месност која локалните мештани ја викаат “Костените“) се наоѓа извориште кое е активно во текот на целата година и истото е одлично за кратка  пауза бидејќи се наоѓа во дебели костенови сенки. До овој момент времето на движење од почетокот на патеката е околу 1-1,5 час. Патеката продолжува по патот која после 700-800 метри се издвојува во лево и навлегува во шумски појас од дабова шума. Ова место е исклучително битно да се запази бидејќи скршнувањето во десно, т.е. продолжувањето да се движите по земјениот  пат,  ќе ве насочи во насока кон исток и ќе ве оддалечи од врвот Црн камен.  На оваа позиција алтернативно е направен маркиран столб од природен материјал поставен од десната страна при навлегување во патеката.
Понатамошниот дел од патеката продолжува во извонредно живописен амбиент на густа букова  шума и се приближува покрај реката до мостот, именувано како Љубен мост. Мостот е изграден од членовите на клубот со еколошки (отпаден) материјал од дабови стебла во должина од 7 метра и носивост од 500 кг.  Датумот на градењето на мостот (04. 05. 2014 г.) се совпадна со роденденот на Љубен Тодоровски, член на клубот од самиот почеток, кој воедно беше главен организатор и мајстор во изведбата на Спирова колиба. Именувањето на мостот е благодарност до него од членовите на клубот за сите негови досегашни активности. 

Од мостот патеката продолжува во насока кон запад, во стрмна нагорна линија и во краток сегмент од 700 должински метри искачува 130 м.н.в. и доаѓа до месноста Говедарник на 1100 м.н.в. Од Љубен мост па се до врвот Црн камен патеката има спортски карактер и бара одредена претходна физичка подготовка или движење со темпо кое ќе овозможи неколку паузи за учесници со слаба физичка подготовка. Од Говедарник патеката се движи во краток сегмент низ редок шумски појас во насока кон северозапад и пристапува кон земјен пат, кој директно води до врвот Црн Камен во насока кон север.  Од страните патеката почнува да е опкружена со карпест релјеф и го навестува приоѓањето кон врвот Црн камен. На овој потег од патеката нема шумска вегетација па во летните периоди доведува до зголемено губење течности и бара нивно надоместување. Од маркацистичка гледна точка ваквите предели се незгодни за маркирање поради недостатокот на шумска вегетација која е одлична за маркирање, и истата ќе треба да се замени со столбови и патокази како трајни летно-зимски маркации. Карпестата подлога претставува додатно оптеретување за поставување на столбови и патокази. Маркациите на овој потег се поставени на карпи и  камени површини кои во нареднот период ќе бидат заменети со маркирани столбови. Движејќи се према Црн камен се доаѓа до Кекеново бачило лоцирано на 1250 мнв и должински 6,5 км од почетна позиција на патеката. Од оваа позиција патеката има насока кон север, го вкрстува земјениот пат кој доаѓа од исток и скршнува во насока кон запад движејќи се низ карпест предел кој воедно  претставува почетокот на карпестиот  масив на кој е позициониран врвот Црн камен. Всушност, самиот врв претставува масивна карпа која во нејзината јужна експозиција е одлична за кратки алпинистички насоки. Врвот е со висина од 1555 мнв и се наоѓа на 9.5 км од почетната позиција на патеката. На врвот може да се пристапи од северната и од  јужната страна. Маркирањето е извршено по патеката која води преку јужниот пристап. Од Црн камен патеката се спушта во насока кон југозапад по земјениот пат при што маркациите се направени на камења и истите ќе бидат заменети со столбови. Крајот на патеката завршува кај  Спирова колиба на 1448 м.н.в. Вкупната должина на патеката е 10км.



Патеката ќе биде комплетно завршена со табли, знаци и маркирани столбови во наредниот период, кога комплетно ќе се реализира проектот за мрежните патеки на Скопска Црна Гора. Истата го носи името  “Костените“.
Она што како заклучок би го издвоиле  е чувството на задоволство да се маркира врвот Црн камен. Имајќи ја предвид неговата импозантност и поставеност на Скопска Црна Гора и  неговата посетеност од Скопските планинари, чувството да се маркира истиот беше извонредно и го комплетираше позитивниот впечаток во подготовката на целата патека за походот, вклучувајќи го и градењето на Љубен мост.
Во наредната година врвот Црн камен ќе биде достапен преку повеќе од 5 патеки, сите маркирани и обележани спрема интернационалните правила за маркирање на планинарски патеки.

Напишал                                                                                          14. 05. 2014
Александар Манолев                                                                        Скопје

Поход на Китка

Извештај од учество на ПСК СЦГ на планинарскиот поход на Китка

На ден 13.04.2014год. во организација на ПД Трансверзалец се одржа 11ти меморијален марш „чичко Јосиф Илковски 2014 год.“

ПСК СЦГ се придружи на походот. Учествуваа Веле, Ѓоко, Елена, Љубен, Зоки, Здравко, Сандра. Дел тргнаа со организиран превоз од Пошта 2, нова железничка во 8.00ч., а дел отидоа со сопствени возила. Автобусите пристигнаа во с.Горно Количани околу 9 часот и оттука се упативме кон планинарскиот дом Китка. Времето беше солидно, поголем дел облачно, но имаше и неколку сончеви периоди што го направија движењето сосема пријатно.

Технички аспекти на турата, должина на патеката околу 8 км со висинска разлика од 780м. Селото Горно Количани се наоѓа на околу 800мнв, а врвот на Китка, Лисец е на 1588мнв. Одевме со умерено темпо, и ни беше потребно нешто повеќе од 2 часа да се искачиме до планинарскиот дом Китка, тука направивме кратка пауза од 5 минути и веднаш се упативме кон врвот Лисец. Веќе над планинарскиот дом се појави снег кој беше присутен на целата стаза до самиот врв. За околу 40 минути стигнавме на врвот, каде се задржавме кратко околу 20тина минути, за да уживаме малку во совршениот поглед кој ни го овозможи ведрото време и нормално за да направиме и по некоја фотографија. Почнавме да се симнуваме кон домот, некои го искористија пределот за да си наберат чај.

Стигнавме во домот Китка, убаво се раскомотивме, се наместивме до едно весело друштво кое пееше народни песни, одмаравме и ручавме. Бидејќи бешепредвидено од организаторот автобусот да поаѓа за назад околу 16.00 часот, негде во 14.00 се спакувавме и почнавме полека да се враќаме кон с.Горно Количани. Со неколку попатни паузи, се спуштивме во селото и тргнавме назад кон Скопје.


Благодарност за учесниците за пријатното друштво и позитивната атмосфера. Пријатна работна недела, до наредниот поход.

Поздрав

ПСК Скопска Црна Гора

Марш Пелинце - Кокино

ПСК СЦГ се на 30. март 2014. година приклучи на Првиот традиционален поход во организација на СПК Козјак Куманово- с. Пелинце-Врв Китка-Локалитет Кокино. 

Походот се одржа во сончеви временски услови и одлично расположение. Од клубот присуствуваа 9 члена кои пристигнаа во Куманово со 2 возила. Од таму со организиран превоз сите учесници беа транспортирани до с. Пелинце од каде беше означен почеток на походот. Вкупната бројка на учесници према организаторот беше околу 400 планинари, со меѓународно учество на планинари од збратимените клубови со организаторот - Бугарија и Србија. Организацијата беше на високо ниво со заеднички ручек на крајот на походот.


Патеката е одлично поставена со исклучок на некои делови пред врвот Китка каде маркациите се губат и потребни се корекции по површина на газење од патеката со одстранување на прнарот и капината кои го отежнуваат движењето и ја кинат облеката. Времетраењето на походот беше околу 8 часа, со поголеми паузи (најголемата беше на врвот Китка од 1 ч и 30 мин.) поради големата бројка на учесници. Време на активно движење околу 5 часа. Еден дел од групата го заврши походот во с. Малотино (15 км од стартна позиција) и беше префрлена со автобуси до Кокино. Останатите го завршија походот до Кокино (18 км од стартна позиција) каде за сите учесници беше обезбед ручек-гравче од Организаторот.

Во иднина им посакуваме успешни и посетени походи.

ПСК СЦГ

Роденденски трилинг на точак

Благодарност до Љубиша Спасоски, Бојан Киров, Александар Манолев и Сандра Герчак.

Во Недела (23.03.2013) по повод ВТОРИОТ РОДЕНДЕН на ПСК Скопска Црна Гора, меѓудругото се оддржа и велосипедска тура на СЦГ. Во продолжение краток опис од турата, за да се долови теренот и атмосферата, нема многу слики бидејќи турата и теренот беа фантастични, дотолку што го запоставивме фотографирањето и се предадовме на уживање.
 
Опис на турата
 
Село Бањани - манастир Св.Никита - манастир Св. Благовештение - Бањански преслап - Ајдучка чешма - Цареви ливади - Рамно - Пржар - Колибата на Чичко Спиро - с.Бродец - с. Побожје.


  • Должина - 38км ( 25км угорнина)
  • Почетна висина ~ 550 мнв, највисока точка ~ 1550 мнв
  • Турата започна од манастирот Св.Никита во 08.30ч.
  • Заврши во кооперција “на сред село“ во с. Побожје во 16.30ч.
Визуелно како изгледаше движењето на велосипедската тура на Скопска Црна Гора
 


Екипата тргна премногу амбициозно, па неколкуте сериозни угорнини на почетокот ги совлада без никаков проблем. Но, по совладувањето на една угорнинина, се појавуваше нова и нова и нова и тоа траеше. Но околината, природата, веселото друштво и одличните временски услови не натераа да заборавиме на сложеноста на теренот и солидно да го совладуваме. Направивме 2-3 крати паузи од 5-10 минути, кои служеа за надополнување на енергија преку банани, суво овошје, јаткасти овошја и освежувачките ментол бомбони на Бојан. Откако стигнавме на Бањански преслап, направивме кратка пауза за корекција на облеката бидејќи во овој дел веќе почна да се чувствува препознатливиот ветер за Скопска Црна Гора.

Сандра се радува бидејќи мисли дека ова е последна угорнина, за кратко ќе дознае дека не е последна 



Мотивација до остатокот од екипатa… Ајдеее момци, само храбро!


Членовите на вело-екипата кој од кој пофотогеничен, спремни за позирање во секое време 

Накај Цареви ливади, не е на одмет да се внесе некоја течност и чоколадо и истовремено да се истегнат нозе и да се исправи кичма.



Задоволен изглед, се е под конторла и по план. Водава си жубори, одлично освежува грч ладната вода, сонцето си пече. Мераци!!!
    
Пристигнување кај колибата на чичко Спиро 1550 мнв. Планинарите од рекреативната и спортската планинарска тура веќе пристигнале на колибата и си уживаат во пролетната идила.



Пристигнува и вело- екипата на колибата и се придружува на останатите планинари. 

Вело-екипата дочекана со аплаузи и стоечки овации од останатите членови, кои веќе подготвиле богата трпеза и беа желни да ја споделат со велосипедистите.
Клубот се погрижил соодветно да се надополнат изгубените калории од турата.
Роденденска клубска фотографија како вечен спомен од прекрасно поминатиот ден во природа.
Една заедничко оскаровско селфи со членовите на вело- турата пред Спировата колиба. Спремни за јаготката на шлагот, фантастичниот спуст кон село Побожје.
И за крај, како што обично бидува, на здравје за одлично поминатиот ден на точак во планина, со прекрасно друштво и  позитивна енергија.



На здравје до следната тура!



 

Pratete ne na Facebook!